Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска” одржа Велигденски концерт во Стокхолм, Шведска

На 16ти април, првиот ден на чествувањето на големиот христијански празник Велигден, женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска” одржа концерт во катедралата „Св. Матеус”, во Стокхолм. Концертот започна во 18 часот, каде што по претходна најава хорот изведе дел од својот репертоар на композиции со црковна содржина и на барање на организаторот, концертот го заврши со светски познати композиции од македонскиот фолклор.

Присутната македонска и шведска публика не успеа да остане рамнодушна на хармонијата на ангелските гласови на членките на хорот „Св. Злата Мегленска” кои што при изведувањето на предвидените нумери, предизвикаа неверојатно чувство на спокој, мир и возвишеност.

Беше особено задоволство и чест да се доживее да се присуствува на концерт на хор од светски познат ранг, хор кој што во својот состав има вистински вљубенички во овој стил на изведба на песни, а чија што љубов кон камерната музика се огледа токму во нивната страст при изведувањето на сите нивни песни. Секако, сето тоа ќе беше невозможно без водството на диригентската палка на основачот на хорот и истовремено неговиот уметнички раководител, Летка Димовска Полизова.

Настанот е финансиран од министерството за култура на Р. Северна Македонија, а на покана на хорот „John Erik Elebys Kammarkör” и во организација на поранешниот шведски амбасадор во Р. Северна Македонија, г-динот Lars Wahlund. Своја улога во организацијата и техничката помош за успешната реализација на овој настан имаа и македонското здружение Даме Груев од Стокхолм, како и од Македонската амбасада во Стокхолм.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *