Кога зборуваме за овие добри времиња, времиња на успеси, не смееме да пропуштиме а да не ги споменеме личностите кои со својот труд и заложба го издигнаа здружението и направија нашите желбите и потребите да бидат стварност.
Цане Спировски и Тале Трпкоски ја покренаа идејата за формирање на Македонско здружение во Стокхолм. Тие мобилизираа екипа, оформија основачки одбор, изготвија предлог на статут, ги дадоа насоките на здружението, ја проширија идејата и го закажаа основачкото собрание.
Митре Наумовски, на жалост сега покоен, е правниот профил на здружението. Тој беше што ги даваше сите правни совети, а со негова заслуга го имавме и нашиот прв статут.
Благоја Шопов, идеологот на здружението, секогаш и во секое време излегувал со предлог насоки за движењето и работата на здружението. Тој секогаш и на секаде ги бранеше интересите на здружението, посебно во времето кога тој беше и секретар во Југословенскиот Сојуз.
Бранко Секуловски е спортскиот профил на здружението. Неговиот спортски дух и желба да работи со млади спортист дојде до полн израз токму овде во Даме Груев. Турнирите во пинг-понг, шах и фудбал се негова заслуга. Беше голем миленик меѓу нашите млади спортисти, затоа што тој „Чичко Бранко„ знаеше што тие млади спортисти сакаат и им е потребно. Тука со него многу не остварени желби беа стварност.
Весна Ивковска, сега Скрипчевска, беше водач на фолклорната секција. Нејзина заслуга е што сите наши млади ги сакаат и играат македонските ора. Игроорците на Весна имаа безброј настапи на различни манифестации.
Не смееме да го испуштиме, а да не го споменеме Д-р Александар Милошевиќ кој во овие последни десетина години беше нашиот културен профил, со неговите поетски настапи пред нашите членови, а и на многу други државни или регионални манифестации.
По секако не смееме да ги заборавиме и сите претседатели на здружението, а тие по ред се: Лиљана Ивковска, Ристиќ, беше првата претседателка. После неа следеа: Тале Трпкоски, Цане Спировски, Јонче Симоновски, Кемал Абдуловски.
На второто годишно собрание се премина со еден претседател за цел мандат и избран беше Никола Јовановски, а по него следеа Зоран Ристиќ, Кирил Микаровски, Коле Симоновски, Илија Арсенов, Миле Кочоски и се разбира сега актуелниот Сашо Тирчевски.